Меѓународна одбојкаРепрезентативна одбојка

(ФОТО) Капитенот Никола Ѓоргиев со Љубљана ја одбрани титулата во Словенија

Во третиот натпревар од големото финале од првата одбојкарска лига на Словенија, во салата Тиволи во Љубљана, домашниот состав по голема борба во пет сета славеше победа и ја одбрани шампионската титула во првата машка лига на Словенија. 

Актуелните словенечки шампиони беа подобри во пет сета од Калцит волеј и со 3-2 во сетови (30-28, 24-26, 25-20, 22-25, 15-12) заслужено се радуваа на јубилејната, дваесетта титула во Словенија.

Пред повеќе од 1000 гледачи во салата Тиволи домашниот тим на Љубљана по голема борба го доби првиот сет со 30-28 со асот на Покершник.

Во вториот сет до средината на сетот гостите од Камник го диктираа ритамот на игра и со успешните напади на Окроглич и Дулчев водеа со три поени разлика (7:10).

Змејовите преку вториот сет успеаја да бидат во чекор со одбојкарите на Камник и исто како и во првиот имаше тензичен финиш кој го добија гостите со 24-26 за да израмнат на 1-1 во сетови.

Третиот сет започна со водство на Љубљана и во текот на целиот сет беа подобри во сите елементи од одбојкарската игра од Калцит..

По една исклучителна одбранбена акција и луда завршница на Покершник, љубљанци веќе водеа со 10:5. Шоуто на Покершник продолжи со ас за 12:6, но тимот од Камник по тројна блокада намали на три поени негатива (12:15).

Тоа не ги збуни љубљанци кои исто така беа убедливо подобри во третиот сет и го освоија со (25:20) по грешката на Дулчев за 2-1 во сетови.

Одбојкарите на Камник подобро го започнаа четвртиот сет и водеа во поголемиот дел од истиот.

Гостите го искористија малиот пад на концентрацијата на змејовите, особено во приемот и беа во предност од три-четири разлика до финишот

Тие го изедначија резултатот во сетови на 2-2 со освојување на четврттиот сет со 25-22.

Во решавачкиот, петти сет видовме одличен старт на актуелните шампиони и водство од 4:1. Одлично се снајдоа во одбраната и беа остри во нападот.

Змејовите водеа со 8:4, а Калцит веднаш се доближија на -2 (8:6). Маровт со исклучителен финиш го зголеми резултатот на 13:10.

Но Шкет со два последователни напади го реши големото финале и ја заслужи наградата за најкорисен играч МВП на натпреварот.

Потоа прославата во салата Тиволи започна….